Кастро му ја честиташе победата на Ципрас

Кастро му ја честиташе победата на Ципрас

Поранешниот кубански претседател Фидел Кастро вчера му честиташе на грчкиот премиер Алексис Ципрас за неговата „брилијантна политичка победа“ на референдумот што беше одржан во неделата, а на кој грчките гласачи решително ги одбија барањата на меѓународните кредитори.

Кастро, преку венецуелската ТВ станица „Теле Сур“,  на Ципрас му порача дека „внимателно ја следел неговата победа“, се наведува во соопштението од кабинетот на Ципрас, што го пренесуваат француските медиуми.

Во писмото упатено до грчкиот премиер, 88-годишниот поранешен кубански лидер Грција ја опишува како добро позната земја за Кубанците по нејзината историја и познатиот придонес за „најкомплексните од сите човекови активности, уметноста и политичката наука“.

Кастро истакна дека на Грција „и се воодушевуваат народите од Латинска Америка и Карибите“ заради начинот на кој „го брани својот идентитет и својата култура од надворешна агресија“ и на крајот од писмото на својот „ценет колега“ му посака „најголеми успеси“.

Исто така, честитки до Ципрас пристигнаа и од Раул Кастро, кој меѓу другото, во писмото напиша:

„Резултатот (на референдумот) ја покажува големата поддршка на грчкиот народ за храбрите политики на владата што ја предводите“, стои во писмото, пренесува Грик рипортер.