Кастро се појави во јавност по 14 месеци

Поранешниот лидер на Куба, осумдесет и осумгодишниот Фидел Кастро се појави во јавноста по цели 14 месеци.

Тој во Хавана оствари средба со делегација на Венецуела која се наоѓа во Куба во „мисија за солидарност“.

Кубанските весници го опишуваат остарениот Кастро како човек „исполнет со виталност“ но од средбата на која и е дадено големо внимение,има само фотографија. На неа се гледа Кастро како седи во своето возило и низ прозорецот се поздравува со гостите.

На себе има спортска ветровка и капче за безбол, најомилениот спорт на некогаш неприкосновениот лидер на Куба, облека во која тој најчесто се фотографира, откако во 2006 година се повлече од сите свои државни и партиски функции, поради серизоно нарушено здравје.

На лидерската функција го наследи неговиот брат, Раул Кастро кој сега има 83 години.

По распадот на некогашниот Советски Сојуз и падот на комунизмот во Источна Европа, богатата со нафта Венецуела стана најголемиот и единствениот стратешки сојузник на Куба.

Ваквите блиски односи ги воспоставија Фидел Кастро и покојниот венецуелски претседател Уго Чавез кој додека беше жив почна да спроведува внатрешна политика налик на кубанската.

Двајцата лидери се договорија Венецуела да ја снабдува Куба со нафта и гас по пониски цени од оние на светскиот пазар, а за возврат да добива „интелектуална помош“ од Хавана, со илјадници кубански лекари, учители и професори кои сега работат во оваа јужноамериканска земја.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.