Каталог за сликите во Музејот на македонската борба

Сликите во Музејот на македонската борба кои ја претставуваат историјата на македонскиот народ и неговата борба за слобода се претставени во публикација-каталог „Слики со историска тематика“ на проф. Владимир Величковски.

Каталогот е заокружување на процесот на визуелизација на историјата на платна на кои се претставени масовни сцени, но и портрети на познати историски личности (револуционери и преродбеници). Во изданието авторот дава податоци за секоја слика, за уметникот што ја создал и за процесот на работа – од скица до завршено дело.

Сликите во Музејот ги илустрираат клучните настани во македонската историја во речиси еден век временски опфат, почнувајќи од Разловечкото востание, двата Илиндена, создавањето на македонската држава, периодот на репресии на тие кои барале целосно решавање на македонското прашање, улогата на македонската емиграција во градењето на државата…

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека се работи за исклучително двојазично издание, во кое на повеќе од 150 богато илустрирани страници е прикажана генезата на создавањето на 109-те уметнички дела – масло на платно, на 38 реномирани ликовни уметници од Македонија, Русија, Украина, Бугарија и од Србија.