Каталонците организираат референдум за независност

Претседателот на шпанската област Каталонија, Артур Мас, ја повика Владата на Шпанија да не го блокира  каталонскиот референдум за независност, планиран за 9 ноември.

Шпанскиот Парламент на 8 април со големо мнозинство го отфрли барањето на Каталонија за таков референдум со аргумент дека тој би бил противуставен.

„Сигурно е дека референдумот ќе биде распишан и оти каталонските граѓани ќе бидат повикани пред гласачките кутии на 9 ноември. Централната Влада може да се обиде да го поништи, но тоа не зависи од мене“, изјави Мас.

Североисточната област Каталонија обезбедува околу една петина од шпанскиот бруто домашен производ и сочинува 16 отсто од населението на земјата. Таа има свој јазик и долга историја на борба за поголема автономија.

Според анкетите, околу половина од населението на Каталонија ја поддржува независноста од Шпанија.