Свет

Каталонската Влада го откажа рефенрендумот за независност

Каталонската Влада го откажа рефенрендумот за независност

Каталонската Влада одлучи да го откаже спорниот референдум за независност, закажан за 9 ноември, изјави синоќа Жоан Ерера од партијата Иницијатива за Каталонија, по состанокот на Владата со претставници на прореферендумските партии.

Каталонската националистичка Влада, под раководство на Артус Мас, сега треба да го објави алтернативниот предлог во врска со референдумот, нагласи Ерера.

Шпанската конзервативна Влада смета дека референдумот во Каталонија би бил неиставен, а Уставниот суд на земјата наложи одложување на референдумот се додека не се провери неговата уставност, што би можело да потрае неколку години.

Владата на Каталонија претходно најавуваше дека нема да ги менува своите референдумски планови и покрај таквата одлука на Уставниот суд, но до вчера пропушти неколку чекори неопходни за негово одржување, како што е објавување на гласачките места или листата на гласачите.

Истражувањето на јавното мислење од 5 октомври покажува дека само 23 отсто од Каталонците ја поддржуваат идејата референдумот да се одржи на планираниот датум без разлика на сите други околности, додека 45 проценти се изјасниле за почитување на одлуката на Уставниот суд.

Каталонија, која има удел од една петина во шпанското стопанство, како и поголемиот дел од земјата е тешко погодена од рецесијата изминатите години, што придонесе за интензивирање на страстите на националистите.