Каталонските челници добија понуда да се засолнат во Франција

Група која се залага за автономија со седиште близу шпанската граница во Франција му понуди во понеделникот засолниште на лидерот на Каталонија, Карлес Пучдемон, како и за уште неколку десетици челници на североисточната шпанска покраина којашто и покрај забраната на Мадрид прогласи независност.

Претседателот на Комитетот за самопрогласување на Северна Каталонија, Роберт Касановас, изјави за агенцијата Аssociated Press дека има вила во селото Теза на југот од Франција која е подготвена за Карлес Пучдемон, како и 20 до 30 станови на располагање за другите членови на неговиот кабинет во случај да бидат принудени да ја напуштат Шпанија и да оформат каталонска влада во егзил.

Неговата организација бара поголема автономија за регионот на француските Источни Принеи, но не се бори за независност. Истакнува дека членови на неговата група се состанале со Пучдемон ова лето, но оти Барселона тогаш не изнела никакви барања од нив.

„Сакаме да бидеме подготвени доколку ситуацијата се влоши и доколку има апсења, пред да биде затворена границата. Сѐ додека не биде издадена меѓународна потерница против Пучдемон, тој ќе може да дојде во Франција“, истакна Казанова.

Вилата којашто е предвидена за сместување на Пучдемон е во местото Перпињан, а исто така Комитетот има намера да изнајми уше неколку недвижнини.

Перпињан и блискиот регион Русиљон историски се каталонски јазични подрачја, коишто се присоединети на Франција во XVII век.