Свет

Катар вложува две милијарди евра во Дојче Банк

Катар вложува две милијарди евра во Дојче Банк

Германската „Дојче Банк“ одлучи масовно да го зголеми својот капитал и да ги отвори вратите за нови акционери. Во план е издавање на нови акции, во вредност од осум милијарди евра. Парите стигнуваат од арапскиот свет, пренесува Дојче Веле.

Раководството на „Дојче Банк“ ненадејно соопшти спектакуларна вест и тоа во недела невечер неколку часа пред отворањето на берзата и неколку дена пред одржувањето на најважното годишно собрание: Ќе го зголеми својот капитал со пласман на акции во вредност од осум милијарди евра!

Првата транша од парите стигнува од шеикот Хамад Бин Јасим Бин Јабор Ал-Тани од Катар во вредност од 1,75 милијарди евра како прва фаза во обезбедувањето на свеж капитал. Остатокот од планираниот прилив на капитал во трезорот на „Дојче Банк“ ќе пристигне преку акционерите, иако не е исклучена можноста дека во купувањето на новите акции споменатиот шеик исто така ќе учествува. Сепак, според правилата на играта, вложувањата од арапскиот свет не би смееле да го надминат износот од две милијарди евра. Со други зборови, шеикот во најдобар случај би можел да се надева на удел во сопственоста на Дојче Банк од 6 отсто.

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ наведува дека компанијата на шеикот „Парамаунт Холдингз“ од Катар ја потврдила инвестицијата во германската банка, со купување на 60 милиони акции по цена од 29,90 евра. Ал-Тани е член на кралското семејство на Катар и некогашен премиер и министер за надворешни работи.

Зголемувањето на капиталот во размери на дури четвртина од вредноста на оваа банка на берзата, е второ по големина во историјата на тргување на оваа банка. За да се ублажат последиците од финансиската криза и да се почитуваат новите правила на игра во банкарскиот сектор, германскиот концерн во последните години во повеќе наврати издаваше  нови акции. Најголемата емисија на акции датира од есента 2010 година, кога капиталот на оваа банка е зголемен за дополнителни десет милијарди евра.

Каков ќе биде резултатот од докапитализацијата на банката, ќе се знае на 5 јуни, кога раководството на оваа институција ќе го представи деталниот план.  Дојче Банк е обврзана да го разјасни ваквото големо дополнување на капиталот, кое значајно ќе се одрази на капиталната квота (односот на вредноста на банката и ризикот на тргување) до крајот на месецот, бидејќи е сосем извесно дека таа ќе порасне од 9,5  на 11,8.

Истовремено, раководството на Дојче Банк најавува промена на деловните цели. Поради ниските каматни стапки и можниот ризик на берзата, остварувањето на големи приходи не е приоритетно во проекциите на банката. Во работењето со приватни клиенти, во текот на 2015 година се очекува промет помал од околу милијарда евра, а во делот на инвестицискиот сектор на работење се предвидува дека прометот нема да прејде 13 отсто иако досега беше 15.