Катарски бизнисмени ги разгледуваат можностите за инвестирање во земјава

Претседателот Ѓорге Иванов денеска ја прими бизнис делегацијата на Државата Катар, која на покана на шефот на македонската држава престојува во неколкудневна посета на Република Македонија.

Целта на посетата е унапредување на економската соработка меѓу Република Македонија и Државата Катар, преку реализација на конкретни инвестициони проекти во различни области, соопшти кабинетот на претседателот Иванов.

На срдбата со катарските бизнисмени, Иванов истакнал дека Република Македонија има одлични политички односи со Катар и изразил силна поддршка за интензивирање на економската соработка меѓу двете земји.

Македонскиот претседател  посочил дека  постојат многу неискористени  можности и потенцијали за соработка и дека во периодот кој следи неопходно е да се зајакнат контактите меѓу бизнис заедниците на двете земји, со цел реализирање на конкретни проекти.

– Бизнис  делегацијата од Катар изрази особен интерес за областите на земјоделието, производството на храна, енергетиката, телекомуникациите,  градежништвото, инфраструктурата и недвижностите. Во тој контекст, изминативе денови беа организирани и средби меѓу катарската делегација со институциите задолжени за привлекување на странски инвестиции, како и со домашни компании –  членки на стопанските комори на Република Македонија. На средбите беа разгледани бизнис можностите за инвестирање и беа претставени поволностите што странските инвеститори ги имаат во нашата држава, оценките на релевантните меѓународни фактори за реформските процеси и економските резултати, се вели во соопштението од кабиетото на претседателот Иванов.

Посетата на катарската бизнис делегација во Република Македонија, следи откако на почетокот на годината претседателот Иванов оствари средба со емирот на Државата Катар, Н.В. Шеик Тамим Бин Хамад Ал Тани, како и со шеикот Калифа бин Јасим Ал Тани, претседател на катарската стопанска комора.