Катастар со нови електронски сервиси за граѓаните и бизнис заедницата

Во првите 100 дена од работата на Владата во делот на Катастарот се реализирани голем број на проекти, а во тек на реализација се проектите за воспоставување на дистрибуциски ситем на катастарот кој ќе овозможи нови електронски сервиси за граѓаните и бизнис заедницата. Исто така, се работи на премерување на гравиметриските точки низ целата територија на земјава. Ова на денешната прес конференција го истакна Славчо Трпевски во ВМРО-ДПМНЕ.

Преку Електронскиот шалтер на Агенцијата за катастар на недвижности исклучиво по електронски пат, се врши запишувањето на договорите за  купопродажба на имот од страна на нотарите, како и запишувањето на новоизградените објекти која го прават општините. Електронскиот начин на достава, електронскиот начин на регистрација на имотот од страна на катастарот, двојно го намали времето потребно за регистрација на имотот. Денес електронски со катастарот се поврзани сите нотари, сите општини, сите геодетски фирми и сите извршители.

Нотарите, геодетите, приватните геодетски фирми, извршителите, банките, проценителите, ревизорите и сите останати професионални корисници 24 часа преку електронскиот шалтер на Агенцијата обезбедуваат податоци, но и поднесуваат предмети до катастарот. Заклучно со месец  Август 2014 година, веќе 1/4 од вкупниот број на предмети кои ги прима катастарот се по електронски пат, што значи професионалните корисници не доаѓаат на шалтерите на Агенцијата туку услугата на граѓаните им ја даваат од своите канцеларии.

„Во првите 100 дена од работата на Владата на Република Македонија се вети дека ќе се започне и се започна со Проектот Регистар на цени за недвижностите за кој проект, во месец Август се донесоа  измените на Законот за катастар на недвижности, со кои се предвиде формирање на Регистар на цени и се започна со надградбата на Електронскиот катастар во кој ќе се регистрираат сите цени од договорите за купопродажби и договори за закуп на недвижностите. Регистарот ќе започне да се полни со податоци од 1 јануари 2015 година“, истакна Трпевски

За десетина дена сите досега евидентирани инфраструктурни објекти од иницијалниот упис ќе бидат прикажани на веб гис порталот на Агенцијата за катастар на недвижности, за да може целокупната македонска јавност да има увид во истите.

Во тек на реализација се и проектите за воспоставување на дистрибуциски ситем на катастарот кој ќе овозможи нови електронски сервиси за граѓаните и бизнис заедницата. Во полн ек се активностите за премерување на гравиметриските точки низ целата територија на земјава. До септември 2014 година се премерени околу 75%, дигитализација на катастарските планови се работи со полна пареа, заклучно со месец септември се дигитализираа 874 катастарски општини или 53,84% од територија на земјава. Во тек е и проектот за Поврзување на системот на издавање градежни дозволи кој го користат општините со електронскиот шалтер на  агенцијата со што ќе се овозможи директно префрлање на целокупната проектна документација од системот е-градежни дозволи во електронскиот катастар и ќе се олесни поднесувањето на барањето за упис на новоизградените објекти, а во завршна фаза е Софтверот за интегрирано планирање во  Агенцијата со кој ќе се има целосен увид во приходната и расходната страна на буџетските средства, ефикасноста на вработените и електронски ќе бидат водени сите секундарни бизнис процеси.

По барање на граѓаните се поедностави и поевтини постапка за уредување на меѓи во случаите каде што едни сопственици навлегуваат со определена квадратура кај други сопственици. Така денес со Изјава дадена на нотар и геодетски елаборат  кои заедно не ја надминуваат цената од 3.000 денари, граѓаните на брз, евтин и ефикасен начин можат да си ги уредат меѓите со своите соседи.

„По барање на граѓаните започна со реализација и на проектот Изложување на градежното земјиште сопственост на Република Македонија, па така од околу 50.000 парцели градежно земјиште со неутврдено право на сопственост, до сега се изложени над една половина. Со овој проект се овозможи на десетици илјади граѓани на Република Македонија да можат да го приватизираат или откупат земјиштето на кое имаат изградено објекти без притоа да имаат трошоци за изготвување на геодетски елаборат“, истакна Трпевски.