Катастарот воведува Адресен регистар на Република Македонија

Директорот на Агенцијата Славче Трпески истакна дека во моментов во примена се недоволно прецизни законски и подзаконски одредби, недоволно прецизни стандарди за испишување на називите на улиците и дека  отсуствуваат стандарди за нумерирање на поедини типови на објекти.

– Адресниот регистар е еден од клучните регистри во државата. Тој ќе содржи просторни податоци за улиците и куќните броеви и ќе биде поврзан со Регистарот на просторни единици. На тој начин сите заинтересирани субјекти сите информации поврзани со адресите ќе имаат можност по електронски пат на брз и ефикасен начин да ги добијат од Агенцијата за катастар на недвижности, истакна Трпески.

Информираше дека изведувачот има обврска да направи анализа и припрема на адресните податоци од постојните бази на повеќе државни институции за нивна теренска проверка, преку изработена мобилна таблет-апликација.

Дејан Крстевски,  директор на Гисдата, појасни дека апликативното решение ќе се базира на светски позната платформа, а ќе биде имплементирана во согласност со Законот за национална инфрструктура на просторни податоци.

Теренското прибирање на адресни податоци ќе се направи во дел од општината Кисела Вода, општините Зелениково, Свети Николе, и Гостивар, а според договорт треба да биде завршено до крајот на 2017 година. Од Агенцијата информираат дека вредноста на договорот изнесува 113.000 евра.