Катастрофа на „Шкендија“ во Велс

Фудбалерите на „Шкендија“ вчера загубија со 4:0 во Велс од ТНС, но сепак се пласираа во второто коло од квалификациите во Лигата на шампионит. Велшаните беа на прагот на сензација по 0:5 минатата недела во Скопје.

Македонскиот шампион очигледно мислеше дека лесно ќе се справи со Велшаните, па тренерот Османи стартуваше без двајцата најдобри напаѓачи Бесарт Ибраими и Марјан Радески. Но аматерите од ТНС почнаа фуриозно и за 35 минути игра водеа со 3:0, но по шокот тетовци се вратија во игра. Во второто полувреме во игра влегоа Ибраими и Радески, по што „Шкендија“ заигра посериозно. Сепак, домаќините продолжија со напади, па во 75 минута погодија статива. ТНС дојде во водство од 4:0 во судското надополнување, но немаа време за уште еден гол.

„Шкендија“ во второто коло ќе игра со подобриот од мечот меѓу молдавски „Шериф Тираспол“ и „Торпедо“ од Грузија. По првиот меч, кој се играше во Грузија, „Торпедо“ има предност од 2:1, а реваншот се игра денеска во Молдавија.