Катица Јанева призна дека Едмонд Темелко бил бесправно лишен од слобода

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева призна дека СЈО наредило незаконски да се приведе градоначалникот на општина Пустец, Едмонд Темелко и бесправно да се малтретира пред сопственото семејство.

 

“Бил бесправно лишен од слобода. За информација на граѓаните на Република Македонија, неговото бесправно лишување од слобода траеше час и половина“, призна Јанева во синоќешното интервју за емисијата „360 степени“ на телевизијата Алсат-М.

 

На прашањето на новинарот- Дали законот ви дозволува да лишувате од слобода?- Јанева контрадикторно одговори: „Ние не ги лишуваме од слобода, полицијата врз основа на наше барање го лиши од слобода господинот Едмонд Темелко“.

 

По притворањето на единствениот македонски градоначалник во Албанија пристигаа осуди и реакции за тортурата врз него од страна на СЈО и Јанева, а Основниот суд Скопје 1 по сериозната анализа на аргументите одлучи дека не постои никаква основа да му се одреди мерка притвор на Темелко.

 

Основниот суд на прес-конференција потврди дека СЈО и Катица Јанева преку сдсмовскиот министер Оливер Спасовски на своја рака одлучиле насилно да го приведуваат градоначалникот на Пустец.

 

И самиот Темелко, во изјава за медиумите рече дека неговото приведување било без судски налог и без никакви прописи.

 

„Полицијата без налог ми стави лисици пред мало дете. Ме уапсија полицајците без да покажат налог, жена ми им ја турна вратата, дури после кажаа дека се полиција и ја покажаа значката. Не ме оставија ни да се облечам, цело време одеа по мене“, изјави тогаш Темелко.

 

Тој потенцираше дека неговото малолетно дете било истрауматизирано од начинот на апсење од страна на полицијата.

 

„Ги прашав дали имаат налог и како може така без ништо да ме апсат. Дури тогаш ми покажа еден документ потпишан од СЈО на кој пишуваше, да се лиши од слобода. Ме земаа прво и ме донесоа во Ресен, а потоа во Битола. Нај трагично беше тоа што и детето беше кога излегов од станот и ми ставија лисици и цело време го гледаше тоа и доби траума, бидејќи сакаше да покаже сила началникот“, посочи тој.

 

И Кривичниот совет по однос на жалбата која Темелко ја поднесе по неговото апсење донесе решение со кое истата се уважува, со што е утврдено дека неговото лишување од слобода било направено незаконито.