Катимерини: Бегалци и туристи во Пиреја, тензии во Идомени

Пристаништето Пиреја пука по своите шавови од присуството на бегалци и мигранти, кои таму живеат во шатори и под многу лоши услови, а некои од нив по игра на случајот на кратко се мешаат и меѓу туристите кои слегуваат од луксузните бродови крузери, пишува во денешната репортажа во весникот „Катимерини“.

Весникот цитира и официјални податоци, кои покажуваат дека вчера во Грција престојувале 50.364 бегалци, од кои над половината или  28 550 се наоѓаат во северна Грција, а 11.370 од нив се во реонот на Идомени, на границата со Македонија.

Од вкупниот број бегаци во земјата 4.242 се сместени по островите, 14. 698 се во областа Атика, а само на пристаништето Пиреја ги има 5.600. Други 2.874 се наоѓаат во централна Грција.

Весникот „Катимерини“ информира дека во Идомени вчера имало тензии, откако полицијата се обидела да ги отстрани бегалците од железничката пруга. Тие врз полицијата фрлале камења и ослободиле жена, која требало да биде приведена.

Весникот тврди дека и покрај падот на приливот на нови  бегалци, што беше регистриран во последните денови, сега повторно се забележува тенденција на раст на бегалците во правец на грчките острови.

Портпаролката на Европската комисија, Наташа Берто, вчера како „поттикнувачки“ го оцени почнатиот процес на намалување на секојдневното пристигнување бегалци и мигранти на грчките острови. Таа изјави дека реадмисијата кон Турција се очекува да почне на 4 април и дека тоа ќе се случува истовремено со превезување на бегалци од Турција до европските земји.

Невладините организации во Грција, како „Лекари без граници“, и натаму протестираат против претворањето на таканеречените „жешки точки“ по грчките острови во центри за приведуање.

Унијата на офицери во грчките пристанишни власти, со соопштение алармира за огромниот дефицит од луѓе, средства и опрема заради нараснатите потреби од приливот бегалци.

Според нивни податоци, само минатата година од турскиот брег на грчките острови се префрлиле приближно еден милион бегалци. Во 2.931 регистрирани случаи спасени биле 103 371 лица, а годинава нивниот број достигна 43.185 лица. Тие уште алармираат дека од вкупно 240 пловни објекти со кои располага пристанишната администрација, 36 отсто не работат, четири од седум авиони се непогодни за експлоатација, а само еден од шестте хеликоптери е во состојба да изведува оперативни задачи.