„Катимерини“: Повторно се зголемува притисокот на границата со Македонија

Три месеци по евакуацијата на илјадници бегалци и мигранти од импровизираниот камп на грчко-македонската граница, грчките власти велат дека е забележано зголемување на обидите луѓето илегално да преминат во соседната земја, пишува „Катимерини“.

– Тие доаѓаат со воз до селото Муриес и се обидуваат да преминат преку шумата и по должината на брегот на Дојранското Езеро. Други се обидуваат да ја преминат границата кај селото Хамило, во близина на Идомени, изјавил еден полицаец за „Катимерини“.

Властите, исто така, имаат забележано зголемување на бројот на бегалците и мигрантите кои си заминуваат од камповите и сами или во групи се обидуваат да ја преминат границата, со оглед на тоа што има долги одлагања во системот за бработка на нивните барања за азил. Грчките власти се загрижени дека информациите за успешни обиди за премин на границата можат да поттикнат масовни заминувања од организираните објекти за сместување, пишува весникот.