Катимерини: Во Скопје има подготвеност за компромиси и значајни отстапки

Годината 2018-та, се чини, дека ќе биде година пресвртница за тоа дали ќе се реши или не прашањето за името меѓу Грција и Македонија, информира грчкиот весник Катимерини.

Како што јавува дописникот на НетПрес од Атина, извори на весникот велат дека во овој контекст, многубројни контакти се случуваат во Скопје, особено по последните интервенции на Американците коишто имале цел да ја обезбедат стабилноста на земјата, а за возврат барале прагматизам.

Според истите извори, во Скопје постоела подготвеност за компромиси и значајни отстапки и актуелната власт знаела дека ќе мора значително да се повлече од дел од своите позиции.

„Особено во Вашингтон се предвидува дека постои прозорец на можности меѓу локалните избори, што може да се одржат на 15 октомври, 2017-та и изборниот процес за нов претседател на ФИРОМ во 2019-та. Овие 18 до 10 месеци ќе пресудат дали коалициската влада на Зоран Заев и албанските партии успеала да се стабилизира. Ова се смета за неопходно, со цел да се избегне можна реставрација на екстремните националисти на Никола Груевски, што може да биде постигнато само ако владата на Заев успее онаму каде што нивните претходници не можеа – влез на ФИРОМ во НАТО“, пишува Катимерини.

Друг факт што му одел во прилог на приближувањето на Македонија кон НАТО било и враќањето на САД на Балканот, најмногу поради стравувањата од како што се наведува, неконтролирано ширење на руското влијание во послабите земји од регионот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.