ТОП,Македонија

Католиците го слават Велигден

Католиците го слават Велигден
Католиците го слават Велигден
Католиците денеска го слават најголемиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден.

Традиционално во Македонија, централното одбележување по повод празникот се одржа синоќа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде имаше велигденска воскресна литургија.

На литургијата присуствуваа претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, претседателот на Собрнаието Трајко Вељаноски и претседателот на Владата за спроведување на изборите Емил Димитриев.

Бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов до верниците и до духовенството упати велигденска порака.

– Драги браќа свештеници, чесни сестри, драги верници. Откако во пред велигденскиот четириесетдневен пост поминавме духовна обнова сега обновувајќи ги своите крстни ветувања повторно го соблекуваме од себе стариот човек и се облекуваме во нов, односно во Христос. Апостолот не поучува: ако сме со него погребани во смрт тогаш со Неговото воскресение и воскреснавме. Ве поздравувам со таа вера која Бог секоја година ни ја нуди како можност за препородување.

Во оваа година на Милосрдието особено треба да бидеме свесни за тоа дека во Таинството на спасението влезе и нашиот грев. Гревот не само што се врежа во нашата совест и не е само тогаш грев кога ќе го достигне спознанието, туку гревот е во нас рана која бара лекување.

Гревот е длабоко всаден во самото битие на личноста, во нејзиниот однос со Бога. Но, тој однос можно е да се откупи. Тоа значи дека „јас“, како личност, не останувам сам со својот грев. Бог, кој на некој начин е очевидец на мојот грев – очевидец, иако невидлив – не е со мене само за да би ме осудил. Вистина е, тој ми суди со внатрешниот суд на мојата совест, ако не е замолчена и изопачена. Но, тој суд веќе сам по себе е откупувачки. Ако злото го наречеме со вистинското име, со самото тоа веќе ја раскинувам врската со него, се оддалечувам од него. Со тоа што јас знам дека некој грев е зло, тој не престанува да биде мој грев. Но, ако мојот грев го насочам кон Бога, Бог не се свртува против мене. Во мигот на внатрешната возбудливост на човечката совест Бог не носи пресуда, не осудува. Бог чека да му се обрати не како судија туку како милосрден Татко. Св. апостол Павле порачува – каде изобилува гревот уште повеќе обилува милоста.

Во јубилејната година на Милосрдието денес се наоѓаме на врвот на тоа таинство на милосрдието според кој Бог со воскресението на Исус Христос, со неговата смрт ја победи смртта. Смртта со Христовата смрт е разорена а со Воскресението човекот повторно е создаден. Браќа и сестри, какво прекрасно таинство е секој Велигден да се доживее свое ново создание.

Додека го празнуваме тоа таинство сакам секој од вас да доживее средба со милосрдните очи на Исус Христос, со славниот и Воскреснат, како што рече папа Фрањо. Лицето на Милосрдниот Небесен Татко е Исус Христос. По Христос тоа милосрдие станува живо и видливо. Ако ние денес во славењето на таинството, а пред сè во св. Причесна доживееме средба со Христос тоа милосрдие ќе стане живо и видливо за нас. Која е задачата за нас како Црква ако не тоа во секој човек да пробудиме надеж дека Бог е богат со милосрдие, бавен во гневот, богат со љубов и верност.

Додека вам и на вашите семејства им го честитам Христовото воскресение делам со вас секоја радост и тешкотија и навестувам: не плашете се, јас сум со вас, вели Исус! Победнику, цару прекрасен, биди ни милостив! Амин. Алелуја! Христос Воскресе!, стои во велигденската порака на бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов.