Католиците вечер слават Бадник, утре Божик

Католичките верници и дел од православните христијани кои времето го сметаат по Грегоријанскиот календар денеска го слават Бадник, а утре Божик.

Освен Римокатоличката црква и западните цркви, Божик денеска го празнуваат и православните цркви, кои кон крајот на минатиот век го прифатиле Грегоријанскиот календар. Македонската, Руската и Српската православна црква, Руката загранична црква, Ерусалимската патријаршија и Света Гора ќе го прослават Божик 13 дена подоцна, според Јулијанскиот календар.

Според евангелиското предание Исус Христос е роден на 25 декември во Витлеем, така што овој датум како почетокот на новата ера и новата историја на човештвото, со разликите во календарите, се почитува во целиот христијански свет.

Во христијанството се верува дека раѓањето на Исус Христос ја донело светлоста на вистината меѓу човечкиот род и оти со овој настан е исполнето старозаветното пророштво за раѓањето на Спасителот.

Според преданијата, Исус Христос е роден на 25 декември во Витлеемската пештера, па тој датум, со разликите во календарите, се почитува во целиот христијански свет. Бадник е еден од најголемите празници за христијаните. На 24 декември, во пресрет на Рождеството Христово, се почитуваат строгите пости.

Овие верници, традиционално, постите ги завршуваат со појавата на првата вечерна ѕвезда на небото, а потоа во храмовите во целиот свет започнува свечената рождествена литургија. За време на неа верниците се потсетуваат на старозаветните пророштва и настани поврзани со раѓањето на Спасителот.

По свечената литургија, доаѓа ред на празничната вечера. Стар обичај е да се сервираат посни јадења.

Трпезата има религиозен карактер и е многу свечена. Пред да се продолжи со јадењето, се чита извадок од Евангелието на Лука за Рождеството Христово. Ритуалот на трпезатата го води главата на семејството.

Насекаде распространет и познат е обичајот на трпезата да се остави празно столче. Ако некој дојде во домот на Бадник навечер, тој треба да биде прифатен како брат. Овој обичај е во знак на почит кон блиските и драги луѓе кои не можат да го чекаат Бадник со семејството.  За нив и за оние кои го напуштиле овој свет се оставаат прибор и чинија во која се става од се по малку. По завршувањето на вечерата, трпезата не се крева.

Заедно со католиците, овој празник го слават протестантите и Англиканската црква, како и некои православни цркви кои го прифатија Грегоријанскиот календар. Во секоја земја празникот си има свои традиции.