Кавадарчанец и велешанец добија кривична за злоупотреба на должност

Секторот за внатрешни работи Велес во соработка со надлежното обвинителство реализираше два одвоени случаи на “злоупотреба на службената положба и овластувања“ при што поднесе кривични пријави против две лица А.К. (45) од Кавадарци и Ј.С. (57) од Велес.

Во првиот случај пријавениот А.К. во својство на службено лице- извршител, нанел значителна имотна штета на имотот на “Керамика Нова“ Велес во износ од 1.577.039 денари. При спроведување на извршување на предмет во вредност од 13.550 денари, каде доверител е “Велешко езеро“, истиот спровел присилно извршување во обем несразмерен на побарувањето, односно спровел извршување во вредност од 4.344.950 денари.

Со цел да го оправда ваквото извршување, при пописот и пленидбата на подвижните предмети приклучил и други доверители. Истиот, по неуспешното јавно наддавање одржано на 14.12. 2011 година, без повторно поднесено барање од овластен доверител, самоиницијативно продолжил со извршување на попишаните предмети. Имено, иако истиот бил должен да запре со извршувањето, тој пристапил кон попис и пленидба на уште движни предмети, при што склучил и договор со непосредна спогодба без никаква законска постапка, без јавна објава, рок и начин на продажба со купувачот „Минас Комерц“ Кавадарци , а на штета на должникот „Керамика Нова“ Велес.

Во вториот случај пак пријавениот Ј.С. во својство на одговорно лице – извршен директор на АД „Велеспром“ ја оштетил оваа фирма за сума од 2.335 000 евра . Имено на ден 08.02.2006 година пристапил кон долг- кредити што “Тедико- Илија“ ДООЕЛ ги земал од „Тутунска банка“ АД Скопје во висина од 2.335.000 евра, без одлука на одборот на директори и собрание на акционери на АД „Велеспром“. Со наведеното постапил спротивно на Законот за трговски друштва бидејќи пристапувањето кон долгот претставува голема зделка, и постапил  спротивно на статутот на АД „Велеспром“.