Кавадарци: Гром запали две куќи, нема настрадани

Од удар на гром попладнево две куќи во Кавадарци гореа попладнево. Територијалната противпожарна единица од Кавадарци повеќе од четири часа интервенираше во гаснењето на пожарот на улицата „Питу Гули“, јавува МИА.

– Се работи за две куќи лепенки во кои живеат неколку семејства. Од пламените јазици беа зафатени горните катови и покуќнината во нив, додека штети има и во долните катови. Среќа во несреќа е што нема повредени, изјави попладнево за МИА Блажо Милев, шеф на смена во Територијалната противпожарна единица во Кавадарци.

Во гаснењето учествувале тројца кавадаречки пожарникари на кои им се придружиле колеги од Неготино, како и работници од неколку кавадаречки претпријатија и граѓани. На располагање биле неколку противпожарни возила и цистерни.

Од локалната самоуправа Кавадарци најавија помош за семејствата кои претрпеа штети од пожарот. 

Како што јавува локалната телевизија КТВ, околу 13 часот Кавадарци било зафатено од големо невреме проследено со пороен дожд и силни грмотевици.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.