Кавадарци ќе субвенционира печење ракија на плин

Општина Кавадарци ќе ги субвенционира кавадарчани кои ќе го променат системот за загревање на казаните за печење на ракија и во иднина наместо дрва ќе користат плин, се со цел намалување на загаденоста.Врз основа на одлуката за  надоместување на трошоци на граѓаните на територијата на општина Кавадарци за набавка на горилник на плин за печење на ракија од буџетот на општина Кавадарци за 2017, локалната самоуправа објавува  јавен повик на кој можат да се пријават сите заинтересирани за субвенционирање.

– Општина Кавадарци заради стимулирање на граѓаните за користење на обновливи извори на енергија кои минимално го загадуваат воздухот и не влијаат на климатските промени, ќе им обезбеди поврат на дел од потрошените средства за набавка на корилник на плин за печење на ракија, стои меѓу другото во јавниот повик.

Субвенционирањето важи за сите оние кои ќе го сменат системот за греење на казаните и ќе поднесат барање за искористување на правото за надоместок, од денеска па натаму, се до исцрпувањето на буџетот за таа намена, кој изнесува шестотини  илјади денари.

Средствата што ќе се надоместуваат, се во износ од пет до десет илјади денари, во зависност од уредот кој ќе се набави.

За спроведување на постапката, ќе се грижи комисија формирана од страна на градоначалникот Александар Панов.