Кавадарци со најниска стапка на невработеност во земјата

Кавадарци има најнизок процент на невработеност во државата, десет отсто, рече во понеделникот неска на прес-конференција раководителот на кавадаречкиот Центар за вработување, Благојчо Борисов, и истакна дека целта е достигнување на европскиот просек од пет отсто.

Доколку се продолжи со сегашниот тренд на вработување во Кавадарци ќе се достигне европскиот процент, наведе Борисов, најавувајќи го утрешниот Саем за вработување во овој град.

Во Кавадарци моментно има 2.050 пријавени невработени лица. Дефицитарни се кадрите како лекари, технички науки, електро и машински инжинери, кои ако се пријават на евиденцијата, имаат можност за вработување веднаш.

„Во моментов актуелна е мерката за активно вработување по огласот кој трае од 29 мај до 16 јуни. Се работи за средства кои неповратно ги обезбедува Агенцијата за вработување, а е наменета за сите заинтереисрани идни бизнисмени, кои сакат да формираат и активираат своја фирма“, рече Борисов.

Во кавадаречко секоја година во лето има проблем со обезбедување сезонска работна сила.

„И ова лето ова прашање е изразено осебено кај фирмите од аграрот. Тие се принудени да вработуваат лица од други општини со цел да ги завршат неопходните земјоделски активности“, информираше Борисов.

На Саемот за вработување во Кавадарци што започнува утре во 10 часот работодавачите и невработаните ќе можат на лице место да се договорат за евентуалните ангажирања.

„Во прв ред ќе се добијат неопходните информации за сите активни и други мерки кои нудат можност невработените да си го решат животното прашање, а фирмите да го добијат неоходниот кадар од кој имаат потреба“, рече Борисов.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.