Казахстанскиот амбасадор во Австрија дрогиран, па убиен

Истрагата за смртта на бившиот амбасадор на Казахстан во Австрија, Рахат Алијев, дава неочекувани резултати. Во крвта на амбасадорот, по наводното самоубиство се пронајдени траги од опојни средства…

Според официјалната верзија, Алијев извршил самоубиство во затворската ќелија во Виена. Но, истрагата сега додава и „холивудски“ елементи бидејќи, како што денес пренесува австриското државно радио Ое1, во крвта се пронајдени трагови на опојни средства.Првите анализи од судската медицина утврдија присутност на барбитурат во крвта.

Оваа супстанца во Австрија како лек е потполно забранета, поради што со сигурност може да се исклучи можноста лекарот во затворот да препише таков лек на Алијев. За неколку дена ќе биде завршена деталната токсиколошка и фармаколошка анализа.

Петер Пилич, побарал воспоставување на парламентарен истражен одбор кој ќе испита што навистина се случило.Тој во соопштението, поставил прашање “како лицето кое е под дејство на опојна дрога, можело да се обеси“.

Државното обвинителство потврдило дека во крвта на Алијев е пронајдено опојно средство, но портпаролот Нина Бусек укажува дека се работи за брз тест и дека се пронајдени трагови на барбитурат. Адвокатите на Алијев, кој во Австрија допатувал од Малта каде што живеел предавајќи се по потерницата од Казахстан за наводното убиство на двајца банкари, тврдат дека тој не извршил самоубиство и побарале детална истрага.