Македонија

Казна од 400 евра за брзо возење

Казна од 400 евра за брзо возење

Казна од 400 евра во денарска противвредност ќе му се издаде, односно ќе му се регистрираат 65 негативни бода на возачот кој во населено место се движи со брзина поголема од 50 километри на час над дозволената брзина. Ова го предвидува Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата што го усвои Собранието на Република Македонија на вчерашната седница.

Покрај глобата, на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана на управување на моторно возило од шест до 12 месеци, пренесува МИА.

Со Законот е предвидена казна од 300 евра во денарска противвредност, односно регистрирање 50 негативни бода за возач кој во населено место се движи со брзина поголема од 30 до 50 km/h, над дозволената брзина. Покрај глобата, на возачот ќе му се изрече и забрана на управување на моторно возило од три до 12 месеци, под услови и начин утврдени со Закон.

Казна од 45 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се издаде, односно ќе му се регистрираат 25 негативни бода на возач кој во населено место се движи со брзина поголема од 10 до 30 km/h над дозволената брзина.

Казна од 10 евра во денарска противвредност, односно 10 негативни бода за возачот кој постапува спротивно на одредбите од Законот е предвидена за возач кој во населено место се движи со брзина поголема до 10 km/h над дозволената брзина.