Македонија

Казна до 400 евра за шетање куче без маска

Казна до 400 евра за шетање куче без маска

Општина Аеродром апелира до граѓаните своите домашни миленици да ги шетаат со заштитна маска и да носат со себе кеси за да го собираат изметот што нивните миленици го оставаат зад себе на јавни површини.

Во спротивно, од 4 август комуналните служби на Општината заедно со службите на Полициската станица „Аеродром“ ќе изрекуваат соодветни казни во согласност со Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, член 29, според кој кучињата мораат да носат заштитна маска.

Имено, според овој член, граѓаните „кои без заштитни средства (маска и слично) без надзор и невнимателно држат кучиња и други опасни животни кои можат друг да престрашат или да повредат ќе им се изрече глоба во износ од 100 до 400 евра во денарска противвредност“.

Исто така, според Законот за јавна чистота, член 33, се изрекува глоба на физичко лице кое „остава фекални остатоци на домашно милениче надвор од садовите за отпад“.

Општината апелира да се почитуваат одредбите на овие закони и милениците да се шетаат со маска, како да се носат кеси за собирање на изметот на милениците со цел да се избегнат непосакуваните законски санкции. На тој начин ќе се заштити и животната средина.