Казна до седум пати пониска за помалите претпријатија

Онаму каде не постои договор за вработување меѓу работникот и работодавачот или не се обезбедени услови за безбедност на здравјето и животот на работниците претпријатие со приход до 500 илјади денари и до 9 вработени, доколку претходно не е санкциониран, ќе му биде изречена казна од 1050 евра наместо 7000 евра. Истиот прекршок претпријатие со вкупен приход до 1 милион денари и 9 вработени ќе го чини 1750 евра, наместо глобата предвидена во актуелниот закон од 7000 евра.

Одговорното лице во компанијата ќе заработи казна пониска за 30%, а работодавач физичко лице наместо казна од 4 до 5 илјади евра, со измените ќе треба да плати од 750 до 1050 евра, анализира Канал5.

Со измените казната ќе биде намалена од три до шест пати ако работодавачот не го чува договорот за вработување во просториите, направи измени на договорот спротивни на законот, наложува прекувремена работа на работници со договор за определено време, на работникот не му обезбеди пауза или пак не исплаќа придонеси од задолжително социјално осигурување.

Правно лице или трговец поединец со вкупен приход до 500 илјади денари и девет вработени ќе добие казна од 450 евра, наместо 3000 евра.

Она што го вети премиерот е веќе исполнето и Законот за прекршоци е стапен во сила, а од вторник стапуваат во сила и сите оние материјални закони на самите министерства, кои се усогласени со овој системски закон. Веќе од среда ќе може да се ползуваат сите овие придобивки од намалените глоби за сторените прекршоци, што се разбира дека позитивно ќе влијае на самиот бизнис амбиент во којшто функционираат стопанските субјекти и ќе обезбеди едно позитивно опкружување во коешто тие ќе можат да ги задоволат своите интереси и да ја остваруваат својата дејност, истакнува владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

На компаниите со приход до 1 милион денари ќе им биде ковертирана казна од 750 евра, наместо 3000 евра. Оние пак со приход до 6 милиони денари ќе добијат глоба од 1500 наместо сегашните 3000 евра. За одговорното лице глобата е намалена за 30%, а работодавачот физичко лице ќе плати до 450 евра казна наместо 2000 како досега, анализира Канал 5.

Ако работодавачот согласно член 58 од законот не обезбеди обука за вработените, не изврши повремени прегледи и испитувања на работната средина и опремата, не ги одржува средствата за работа или пак не ги извести надлежните органи за смртен случај или колективна несреќа со актуелниот закон ќе добиеше казна од 8 000 евра.

Со измените претпријатијата со приход до 500 илјади денари и 9 вработени ќе бидат казнети со 1200 наместо 8000 евра, оние со приход до 1 милион денари ќе заработеа казна од 2000 евра, а до 6 милиони приход казната е намалена за 50% и ќе изнесува 4000 евра. Измени има и во законот за регистрирање на готовинските плаќања.

Фирмите кои немаат фискална опрема и не издаваат фискални сметки досега плаќаа глоби во висина од 5000 евра.

Правното лице со приход до 500 илјади денари и 9 вработени ќе биде казнето со 750 евра наместо 5000 евра, лицето со вкупен приход до 1 милион денари ќе треба да плати казна по овој основ од 1250 евра наместо 5000, а со приход до 6 милиони денари казната ќе биде за 50% пониска или 2250 евра.

Новиот закон за прекршоци го поздравија бизнисмените, според кои во голема мера ќе го олеснат нивното работење.

 

 

Со законските измени глобите се драстично намалени.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.