Казни од 500 евра за напуштено домашно милениче

Kазни од 150 до 500 евра може да заработат граѓаните за напуштање домашно милениче, велат во Агенцијата за храна и ветеринарство. Според новиот Закон за заштитата и благосостојбата на животните, сите одгледувачници и продавници за домашни миленици мора да се регистрираат, пишува Дневник.

– Согласно со акцискиот план регистрација мора да се направи до ноември 2015 година. Целта е да се води уредна евиденција на сите домашни миленици и тие да имаат микрочипови за да се намали бројката на скитници. Во исто време точно ќе се знае кој е газдата на миленичето, кој го оставил на улица и конечно ќе се прекине праксата на напуштање на миленичињата – вели Зоран Поповски, директор на Агенцијата за храна. Според него, со регистрација на продавниците на домашни миленици ќе се стави ред и во продажбата. Ќе се знае точно од кое легло е миленичето и полесно ќе се вади педигре за истото.

– Продавниците за домашни миленици треба да имаат посебни простории за разни видови и родови на животни што ги продаваат, простории за болни и повредени животни ако ги има – објаснува Поповски. Глобите се движат од 500 евра за правни лица, до 250 евра за одговорно лице во правното лице. За физичките лица кои ќе напуштат домашен миленик казните се 150 евра. Ако животното избега, ќе има постапка за утврдување како и на кој начин избегало, па потоа ако има основа, ќе се плаќаат и казни.