Казни за продажба на цигари на жени до 40 години во Русија?

Пратеникот во руската Дума од Комунистичката партија на Русија, Иван Никитчук, до Федералниот парламент поднесе предлог-закон за воведување казни за продажба на цигари на сите жени до 40 години, како и на жени кои се во присуство на малолетни лица, пишува МИА.

Продажбата на цигари на припаднички на понежниот пол на возраст до 40 години, како и во присуство на малолетници независно од возраста на тие жени, ако се усвои законот, би се казнувал со 3.000 до 5.000 рубљи (63,4 до 105,6 евра) за физички лица, од 30.000 до 50.000 рубљи за административни лица и од 100.000 до 150.000 рубљи (2.112 до 3.170 евра) за правни лица, се наведува во предлог-законот.

Според подносителите на законот, оваа иницијатива има за цел да им помогне на мајките со деца до 14 години да се откажат од пушењето.