Ќе ја исправи ли Заев некогаш кичмата?

Трауми од детство, комплекс на ниска вредност или нешто трето? Како еден релативно нормален човек може да се претвори во Зоран Заев? Дали таков се станува по раѓањето или душата е предодредена за правење на зло уште пред раѓањето?  Што е она што може да натера една личност да си ја распродава татковината, името, идентитетот и се што во суштина претставува свето за народот?

Од лидерот што своевремено на своите членови им порача дека не им личи да бидат патриоти, не треба да изненадува и ставот дека: „Ако Македонија има проблем со соседите, тогаш проблемот мора да е во Македонија“.

Човек со исправен р’бет и здрав разум, кога му го пишувале ова за да го научи на памет да го рецитира, би прашал: „A дали вашиот газда Обама или неговата несудена наследничка Хилари некогаш би изјавиле дека ако Америка има проблем со соседите, а има, тогаш проблемот мора да е во Америка? Или дали некој од грчките, бугарските, српските или албанските премиери би го изјавил тоа за својата земја? Ама Црпко не поставува прашања, тој е среќен што воопшто го играат и што ете, некој го откри и го црпна за премиер да го спрема.

И бидејќи Македонија е таа кривата, Црпко ако стане премиер се’ ќе исправи. Како за почеток, ќе ја исправи вековната неправда што Македонија и ја прави на Грција, па без референдум, веројатно во стилот на Киро Глигоров, дека новото име ќе ни било само за два месеци, ќе се обиде да го прелаже народот и ќе ги прифати грчките барања за менување на уставното име. А, ова е веќе извесно за голем дел од грчките медиуми, кои што информираат дека ако СДСМ и албанските партии направат влада, за прв пат во последната декада ќе созреат условите за барање на „компромис“ за името. Во име на добрососедство со Грција, освен прифаќањето на сложено име со географска одредница за вкупна употреба и целосно бришење на Македонија од секаде, Владата предводена од премиерот Заев ќе ги охрабри грчките колеги и натаму да не ја почитуваат пресудата од судот во Хаг, чие поднесување инаку своевремено беше жестоко критикувано од СДСМ. Исто така, новоизбраниот премиер, инаку црпнат од нива во струмичко, ќе го поздрави и натамошното непочитување на основните човекови права на македонското малцинство во Грција, за кои патем досега ниту еднаш не нашол за потребно да проговори, оти тој е нели зафатен со правата на Албанците во Македонија.

И затоа што во регионов се чини дека најобесправено малцинство се токму Албанците во Македонија, мисијата на црпнатиот е тоа да го поправи и да прифати буквално се’ во име на наша „демократизација“, чие врвно достигнување ќе биде и идната федерализација, која што опозициските медиумски стратези и активисти одамна ја најавуваат како многу модерна, исто како и наметнатата двојазичност и обврска за учење на албанскиот во сите училишта. Модерно, европски, демократски, бонбона држава, бидејќи се останато е „фашизам“.

А, и што му е гајле на аболицираниот криминалец дали во државата ќе има двојазични банкноти, кога тој поткупот и така го собира во евра, едно за братот Вице, едно за црквата.  Оти, освен на поткуп, лидерот на бившите комунисти е многу посветен и на религијата и на Господ, кој што се чини дека навистина го црпна од нива. Но, го црпна за да им покаже на идните генерации како не треба.

Една од подржавотворните изјави што ја обележа кариерата на струмичкиот градоначалник кого од надвор го спремаа за премиер, освен онаа дека ќе јадел живи луѓе, беше и пораката дека некогаш требало и да си ја свиткаме кичмата. Но, гледајќи ги неговиот досегашен лик и дело, човек не може, а да не се запраша: Па, дали овој лик некогаш ја исправа својата кичма?

Нови избори, порано или подоцна, мора да има, а Заев и петтата колона на чие чело се наоѓа може да бегаат колку сакаат, но изборите ќе ги стигнат и народот повторно ќе ги казни. А, тие се многу свесни дека овие, претходниве на кои што и покрај се’ загубија, им беа единствена шанса, иако на низок и валкан начин, да им се приближат на ВМРО-ДПМНЕ. Затоа се’ што со години наназад западните елементи собирале, подготвувале и организирале со цел поставување свој марионетски лидер кога ќе дојде време, беше испукано на овие избори. Испукани беа нелегално прислушувани разговори, испукани беа милиони долари кои што амбасадата на Кале на чело со Бејли допрва ќе ги правда, испукани се околу 80.000 албански гласови што на следните избори наместо за СДСМ, изгледа дека ќе одат за албанските партии, а најважно од се’ испукана е поддршката од Вашингтон што Сорос безусловно ја имаше за предизвикување на хаос и крвави судири во таргетираните земји, а меѓу нив и Македонија.

Славна е историјата на Македонците. Не’ имало во антиката, не’ има во Библијата, сме издржале под Османлиите, тука сме и денес. А, оној што мисли дека некогаш ќе не’ снема благодарение на современи карикатури како Црпко и слични нему, се наоѓа во многу, многу сериозна заблуда.