Анализи

Американските компании предвидуваат намалување на инвестициите и работните места во САД Ќе ја изгуби ли Трамп на домашен терен трговската војна ?

Ќе ја изгуби ли Трамп на домашен терен трговската војна ?

Изненадната одлука на американските власти да воведе тарифи  од 25 отсто за увоз на челик и 10 отсто за увоз на алуминиум од ЕУ, Канада и Мексико предизвика револт на погодените земји кои  веднаш најавија остри контрамерки.

Мексико одговори со воведување на царини за увоз на земјоделски и индустриски производи од САД, а царини на многу американски производи, од челик до виски, кисело млеко и кафе најави и Канада. Листа на американски производи кои ќе бидат оцаринети подготвува и ЕУ, а таа вклучува и црвен грав, ориз, житарици, путер од кикирики, виски, цигари и тутун, фармерки, памучна облека, тоалетна хартија, неколку видови на челик, бродови, кујнски апарати, чевли .. .

Лидерите на ЕУ, исто така, најавуваат тужба против САД до Светската трговска организација. Потегот на неговата администрација претседателот Доналд Трамп, пак, го оправдува со констатацијата дека челикот и алуминиумот се од витално значење за безбедноста на САД.

Трговските тензии меѓу Америка и нејзините трговски партнери почнаа од март, а последниот потег може да значи почеток на вистинска трговска војна. Преговорите меѓу Вашингтон и Кина за можностите за намалување на трговскиот дефицит на САД се уште се во тек, но без голем напредок, додека Белата куќа ја разгледува можноста за воведување на царински давачки за увезените автомобили за 25 проценти.

Против решението кое претставува сериозна закана за глобалната економија, не само што застанаа погодените земји, но исто така и некои американски политичари од Републиканската партија, како и бизнис заедницата.
Иако одлуката на Трамп е добро прифатена од страна на домашните производители на челик, индустријата која ги користи оцаринетите производи изрази големо незадоволство.

Според „Фајненшел тајмс“, поради мерките за одмазда кои ги најавија погодените земји, американските компании предупредуваат на ризикот од пореметување на глобалниот трговски систем, како и намалување на инвестициите и работните места.
Во соопштението на Здружението на американските произведувачи на метал се наведува дека „ограничување на снабдувањето со суровини со воведувањето на царини на увоз од најблиските трговски партнери е на штета на американските производители”. Автоиндустријата се плаши од губење на меѓународната конкурентност, додека хемиската индустрија предупредува за можно одложување на големите инвестициски проекти.

Аналитичарите на IHS Markit очекуваат ефектот да биде дистрибуиран на различни пазари, така што растот на цените на челикот надвор од САД ќе биде ограничен. Но во САД, ова не само што ќе доведе до зголемување на цената на оцаринетите производи, туку и до губење на работните места; се проценува дека околу 470.000 ќе бидат затворени.
Цените на челикот во САД веќе се зголемија поради зголемената несигурност. Според податоците обезбедени од страна на S & P Global Platts, референтните цени на челикот годинава се зголемиле за два отсто во северозападниот дел на Европа, 8 проценти во Југоисточна Азија и 37 отсто во САД. Цените на алуминиумот во САД пораснаа за 12 отсто.

Со растот на протекционистичката политика, оценуваат аналитичарите, дополнително ќе се зголеми неизвесноста на веќе нервозниот пазар. Негативната реакција на берзите не мораше долго да чека.