Ќе се бараат наоѓалишта на нафта и гас во Црна Гора

Црногорската Влада и конзроциумот на италијанксата фирма „Ени“ и руската „Новатек“ денеска во Подгорица потпишаа договор за концесија за потрага по наоѓалишта на нафта и гас во територијалните води на Црна Гора.

Концесијата е со важност од 30 години и се однесува на четири подрачја крај јужниот дел на црногорскиот брег, во близината на Улцињ.

Црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ изјави дека ова претствува голем настан за земјата.

– Со потпишувањето на овој договор се отвора пат за истражување на јаглеводороди, нешто што го чекавме со векови, рече Ѓукановиќ.

На потпишувањето на договорот се спротивставуваат повеќе еколошки здруженија од Црна Гора, Хрватска и Италија, кои денеска организираа протести во пристанишниот град Бар. Според нив, со потпишувањето на овој договор „му се изрекува смртна пресуда на црногорскиот крајбрежен туризам“.