Ќе се градат пет нови експресни патишта

Најдоцна до средината на следната година ќе почне изградбата на пет нови експресни патишта во вредност од 300 милиони евра, најави денеска премиерот Никола Груевски.

Во рамките на посетата на општина Неготино, претседателот на Владата информира дека се обезбедени финансии и склучени се договори со меѓународните банки.

Станува збор за патот од Штип до Кочани, Штип – Радовиш, Ранковце – Крива Паланка, Градско – Прилеп и Охрид – Пештани. Тоа се пет експресни патишта чија градба ќе започне најдоцна до средината на следната година, некои од нив и малку порано. Кога велам експресни патишта мислам на патишта со четири ленти кои ќе бидат со стандарди како за автопат во однос на степенот на кривините и нагорници и надолници. Доколку во иднина има потреба да се прошират со по уште една лента од двете страни тогаш ќе прераснат и во автопат. Тоа би било во оној момент кога би имало голем број возила заради кои ќе има потреба од проширување, изјави Груевски.

Според него, сегашниот број на возила е доволен за четири ленти за експресни патишта.

Веќе ги потпишавме сите договори, некои од нив ги финансира Светската банка, некои ЕБРД, некои Европската инвестициска банка, како и разни други начини за финансирање, но за сите е обезбедено финансирање и склучен е договор. Поминато е во Собрание и сега следуваат подготвителните работи за распишување јавен повик за изведувач и изведувачот да почне со работа. Тоа се работи за подготовка што траат неколку месеци и потоа ќе почне градежниот зафат, информира Груевски.