Ќе се испитува загаденоста на почвата во поплавените подрачја, резултати за 10 дена

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе ја испитува почвата во поплавените подрачја. Земјоделците од поплавените подрачја за 10 дена ќе знаат дали ќе можат да се вклучат во есенската сеидба. Земени се примероците за првите анализи, а во наредниот период ќе се испитаат сите површини.

Ако се утврди дека почвата е загадена, државата ќе ги превземе сите неопходни мерки за да им помогне да се врати земјата во првобитната состојба, информираат надлежните.

-Секојдневно како ќе се работи на терен, како ќе се носат пробите на анализа така ќе се изготвуваат извештаи за одредени подрачја, односно на крајот ќе се изготви целосен извештај со препораки за сите површини и ќе се предложат мерки кои Владата натаму ќе ги спроведува, за да се рекултивира земјоделското земјиште и да се врати во состојба на целосно производство, посочи Драги Димитриевски, декан на Факултетот за земјоделски науки.

Од ресорното министерство потсетуваат дека државата 100 % ќе ги обештети сите земјоделци чиј род е уништен со поплавите, без разлика дали се регистрирани или имале само бавчи.

mostri-pocva

Досега е завршена проценката на оштетените земјоделски површини на околу 900 лица.

-Оние кои ги имаат осигурано сопствените посеви и ја имаат искористено можноста која ја нуди владата како државна помош во 60% од износот на полисата и оние кои ќе бидат обештетни од страна на осигурителните компании, нормално ќе бидат посетени и од наша страна за да се евидентира штета и доколку има разлика од утврдената и проценета вредност на штетата со онаа осигурена сума која е предвидена и на која земјоделецот го осигурал сопствениот посев, разликата до 100% утврдената штета ќе ја надомести МЗШВ, истакна заменик министерот Ванчо Костадиновски.

Обезбедени се и околу 30 тони добиточна храна, за која можат да се пријават сите земјоделци на кои невремето им ја уништи храната за добитокот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.