Ќе се надоместуваат трошоците за подвижни аптеки

Министерството за здравство во соработка со Агенцијата за лекови и медицински средства донесе правилник во кој се предвидува надоместување на дел од трошоците на подвижните аптеки со што се очекува да се зголеми конкуренцијата и интересот и на тој начин да се покрие целата територија на Република Македонија со подвижни аптеки.

Проектот „Подвижни аптеки“ е континуирано фокусиран на помалите населени места до 1.000 жители кои се приморани да патуваат и по неколку часа до најблискиот град за да ја подигнат потребната терапија од аптека.

Ова денеска на прес-конференција во Агенцијата за лекови и медицински средства го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека изминатиот период објавиле повици за доделување лиценци врз основа на кои доделиле шест лиценци за подвижни аптеки кои покриваат 304 населени места со над 50.000 жители. Овие шест лиценци, посочи министерот, веќе функционираат и лековите се доставуваат до домовите на овие 50.000 потенцијални пациенти.

– Увидовме дека е потребна дополнителна стимулација и мотивација за да се јават повеќе заинтересирани кандидати со цел да ја покриеме целата територија на Република Македонија. За таа цел во правилникот предвидовме дека до 40 населени места која се покрива од страна на подвижната аптека ќе имаме дополнителна субвенција од 10.000 денари месечно, до 60 населени места – 12.000 денари месечно, до 80 населени места – 14.000 денари месечно и над 80 населени места – 16.000 денари месечно, потенцира Тодоров.

Ова, нагласи, се средства кои треба да ги покријат трошоците за надоместок за гориво, за патување од страна на подвижните аптеки. Појасни дека очекуваат оваа мерка на стимулација позитивно да влијае врз конкуренцијата, која ќе се зголеми, ќе се зголеми интересот и на тој начин ќе можат да ги доделат сите 17 лиценци.

– Станува збор за 17 лиценци за вкупно 45 општини со над 1.000 населени места, а вкупниот број на жители кои се покриваат со овие 17 лиценци е 186.000 жители. Идејата е да распишеме повик и да доделиме лиценци со подвижни аптеки да бидат покриени дополнително 186.000 жители во Република Македонија односно сите оние кои живеат во населени места под 1.000 жители, каде нема аптека, рече Тодоров.

Посочи дека проектот е комплементарен со проектот „Рурален доктор“ и рецептите кои се препишуваат од страна на руралниот доктор подвижната аптека има обврска да ги реализира во рок од два дена по нивното препишување.

– Целиот систем го затвораме и за рурален доктор во тоа населено место еднаш во текот на неделата или еднаш во 10 дена или некаде и два пати во текот на неделата во зависност од колку жители има, препишува терапија на пациентите во тоа населено место и во рок од два дена подвижната аптека има обврска да помине во тие населени места и да ја достави терапијата. Со ова комплетно се заокружува целата услуга на оние жители кои живеат во руралните населени места кои бројат помалку од 1.000 жители, додаде Тодоров.

Директорката на Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Македонија, Марија Дарковска Серафимовска рече дека се доделуваат по една лиценца за: општина Битола која ќе покрие 59 населени места, Демир Хисар и Крушево која ќе покрие 57 населени места, Кривогаштани и Долнени која ќе покрие 44 населени места, Ресен и Охрид – 60 населени места, Кичево – 70 населени места, Македонски Брод – 50 населени места, Струга и Дебарца – 62 населени места, Велес, Чашка, Градско и Лозово – 86 населени места.

По една лиценца се доделува и за: Кавадарци, Демир Капија, Неготино и Конче – 67 населени места, Кочани и Пробиштип – 55 населени места, Крива Паланка, Ранковце и Кратово – 80 населени места, Берово, Пехчево, Делчево, Македонска Каменица и Виница – 54 населени места, Штип, Свети Николе, Радовиш – 78 населени места, Карбинци, Зрновци, Чешиново Облешево – 39 населени места, Арачиново, Илинден, Петровец – 25 населени места, Куманово, Липково, Старо Нагоричане – 89 населени места и Сопиште, Студеничани, Зелениково – 38 населени места.

– Овој проект функционира на тој начин што во овие населени места лековите се доставуваат со специјализирани возила т.н. подвижни аптеки кои имаат опрема која е потребна согласно добрата дистрибутивна пракса со цел да се гарантира во исто време сигурноста, квалитетот и безбедноста на тие лекови до моментот додека стигнат до пациентите, додаде Дарковска Серафимовска.