Ќе се решава проблемот на граѓаните без лични документи

Ќе се решава проблемот на граѓаните кои живеет во земјава без лични документи – најави Министерството за труд и социјална политика. Се проценува дека овој проблем го имаат околу три илјади луѓе. Не се запишани во матичните книги, немаат извод, ниту каков било друг личен докумет, оттука и не можат да ги остварат своите права. Во наредните шест месеци ќе можат да се пријават во Управата за водење матични книги.

„Со измените на законите ќе добијат привремен матичен број со цел да ги остварат здравствените, социјалните и образовни права за да немаме деца и лица исклучени од системот. Она што ќе се смени во законот за вонпарнична постапка е тоа дека судот ќе може да донесе одлука за решавање на статусот на некое лице ако до тогаш матичарот не може да го утврди времето и местото на раѓање“, изјави министерката за труд и социјала, Мила Царовска.

Од Управата велат дека на овој начин ќе се овозможи социјална вклученост на лицата кои досега биле на маргините на општеството поради тоа што нивното раѓање не било пријавено во матичната книга.

Сите лица кои што не се регистрирани или ги немаат регистрирано своите деца во матичните книги на родените да отидат во подрачните единици на Управата за водење на матични книги и  да поднесат барање за дополнително запишување. Станува збор за лица родени во домашни услови, но и лица родени во здравствени установи, а нивните родители не ја изршиле должноста да го пријават името на детето во матичната служба“, изјави Бујар Дарлишта, директор на Управата за водење на матични книги.