Ќе се случи незамисливото, Јунајтед се сели на Итихад

Големите градски ривали Манчестер Јунајтед и Манчестер Сити наскоро може да делат ист стадион, откако стана јасно дека „Црвените ѓаволи“ во текот на реконструкцијата нема да можат да настапуваат на „Олд Трафорд“.

Јунајтед планира да го реновира „Олд Трафорд“ и да го прошири капацитетот на трибината „Сер Боби Чарлтон“ за новиот „Театар на сништата“ да може да прими 90.000 гледачи, што е 15.000 повеќе од сегашниот капацитет на стадионот. Бидејќи станува збор за сложени градежни работи, Јунајтед ќе мора да најде привремен стадион додека работите не бидат завршени.

„Се плашам дека поради работите извесно време нема да можеме да играме на својот стадион“, изјави директорот на клубот Ричард Арнолд.

Некои англиски медиуми пишуваат дека градскиот ривал Сити бил подготвен да му помогне на Јунајтед доколку „Црвените ѓаволи“ побараат услуга. Секако, тоа подразбира финансиска компензација.

Британските обложувалници веќе во својата понуда ја изнесоа можноста за обложување на кој стадион ќе игра Јунајтед. Засега најмногу шанси имаат „Итихад“ и стадионот „Макрон“ на кој игра Болтон.

Јунајтед и Сити во минатото веќе имаат играно на ист стадион. Во периодот од 1945 до 1948 година настапуваа на стариот стадион на „Граѓаните“ – „Мејн Роуд“. Но тогаш немало друг избор, бидејќи „Олд Трафорд“ бил тешко оштетен по германските бомбардирања во Втората светска војна.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.