Кедира побара од Арсенал годишна плата од 9 милиони евра

Германскиот интернационалец од редовите на актуелниот европски клупски шампион, Реал (М), Сами Кедира најверојатно нема да биде најнова летна аквизиција на лондонскиот премиерлигаш Арсенал.

Иако двата клуба постигнале договор околу побараното обештетување, кое нема да биде помало од 20 мил. евра, челниците на Арсенал никако не можат да најдат заеднички јазик со одличниот играч за врска, кој според англиските медиуми има нереални побарувања.

Поранешниот фудбалер на Штутгарт потврдил дека ќе се пресели на “Емирати” за време на летниот преоден рок доколку челниците на Арсенал му понудат годишна заработувачка од 9 мил. евра што е за 3 мил. евра поголема од таа што му ја нудат раководните лица на популарните “топчии”.

И градскиот ривал на Арсенал, тимот на Челзи, кој исто така важи за можна дестинација на Кедира, не е во состојба да го исполни таквото барање на репрезентативецот на Германија кој најверојатно и во новата клупска сезона ќе го носи дресот на шпанскиот гигант.