Кејн потпиша нов договор со Тотенхем

Најдобриот стрелец на лондонски Тотенхем, 24-годишниот Хари Кејн, кој ќе биде капитен на англиската репрезентација на претстојното Светско фудбалско првенство во Русија, потпиша нов шестгодишен договор со Спарси, објавија во саботата британските медиуми.

Кејн досегашниот договор го врзуваше со Тотенхем до летото 2022 година, а според новиот во редовите на лондонскиот клуб би требало да остане до летото 2024 година. Клубот, исто така, му ја зголемил платата, па ќе заработува 11,5 милиони евра по сезона.

Изминатата сезона Кејн за Тотенхем во сите натпреварувања постигна 41 погодок, а во последните четири сезони откако стана првотимец е стрелец на 135 голови.

Наскоро за Тотенхем договорите би требало да ги продолжат уште двајца клучни играчи од средниот ред, Деле Али и Кристијан Ериксен.