Кенијците најбрзи на Скопскиот маратон

„Скопските улици пулсираа во чекорите на маратонците-учесници на „Wizz Air Скопскиот маратон. Професионалци, рекреативци, љубители на спортот, луѓе кои од хуманитарни причини решија да истрчаат колку што „ќе издржат”, се дел од профилите на учесниците на најмасовното спортско збиднување некогаш одржано во Република Македонија.Повеќе од 300 маратонци, 1000 полумаратонци и над 4500 учесници во хуманитарната трка е бројката која ќе остане предизвикот кој ќе треба да се надмине, веќе следната година.“ изјави директорот на маратонот Кире Синадиновски

Овогодинешниот победник и нов рекордер на главната маратонска трка во машка конкуреницја е Емануел Самал од Кенија со време од 2 часа 14 минути и 24 секунди. Второпласиран е Јулиус Кипруто Куто од Кенија со време 02:21:46, а третото место го освои Даниел Мучуну Мванги од Кенија со време 02:30:52.

Во женска конкуренција победата ја однесе Луси Вамбуи Муриги од Кенија, остварувајќи време од 2 часа 37 минути и 45 секунди. Второто место го освои Росина Кибоино со време 02:44:03, а последното место на пиедесталот го освои Тунде Сзабо со време 02:48:20.”

Во полумаратонот, победата ја однесе Едвин Кембои од Кенија во машка, и Сибила Маерс од САД во женска конкуренција, со времиња од 01:09:28, односно 01:30:28. Останатите места на подиумот во машка конкуренција беа наменети за нашиот Кокан Ајановски(01:15:51) кој го освои одличното второ место и Тед Даглас од САД кој беше третопласиран со време 01:18:11. Во женска конкуренција, второ најдобро беше времето на нашата маратонка Росица Костова (01:31:18), додека на третото место се пласира Диана Голек од Полска(01:33:38).

Конечно, победници на хуманитарната трка која воедно беше и најмасовна од трите трки беа Маја Стојковска во женска конкуренција со време 00:21:49 и Илир Келези во машка конкуренција со време 00:16:31. Останатите места на подиумот ги освоија Александар Стојановски(2 место – 00:16:54) и Атанас Анчевски(3 место – 00:16:59) во машка, и Ана Цоковиќ( 2 место – 00:22:36) и Елена Бонева(3 место – 00:23:36).

„Овогодинешната маратонска трка под името „Wizz Air Скопски маратон 2014” помина одлично и ги надмина дури и нашите очекувања, кои како на организатори на самата манифестација, се секако многу високи. Би сакал да изразам благодарност до сите пријатели на маратонот кои на најразличен начин беа дел од него и помогнаа во неговата реализација. Благодарност до Градот Скопје, како и Канцеларијата на ЕУ во Скопје и Агенција за млади и спорт кои како покровители на манифестацијата несебично се погрижија секој аспект на оваа комплексна манифестација да помине во најдобар ред. Благодарност и до коорганизаторите Атлетска федерација на Македонија и Атлетскиот клуб Работнички,“ изјави Кире Синадиновски, Директор на манифестацијата.

Стартот на овогодинешниот Wizz Air Скопски маратон го означија Вилсон Кипсанг Кипротич, светскиот рекордер во маратонско трчање и овогодишен специјален гостин на манифестацијата и Градоначалникот на Град Скопје, г-дин Коце Трајановски како покровител на истата.

Претставници од 47 земји под своите нозе ја почуствуваа топлината на скопскиот асвалт. Низ учесниците можеа да се забележат тимови од македонските компании кои трчајќи го славеа спортот, млади мајки кои со своите дечиња во количка трчаа и покажаа дека спортот не познава граници, како и учесници кои носеа маички со ликот на Катарина Ивановска, чија фондација воедно ќе ги распредели средствата од Хуманитарната трка на загрозени групи граѓани. Конечно, и славни ликови од македонскиот јавен живот беа дел од ова масовно спортско случување.

Покрај Катарина Ивановска која е и промотивно лице на манифестацијата, во спортска опрема и спремни за маратон на стартната линија беа и актерот Горазд Цветковски, Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, Мартин и Стефан од рок дуото Некст Тајм и водителот Димитар Атанасовски заедно со Мишо Спасовски од Танц со Sвездите.