Кери го повика Ирак заеднички да им се спротивстават на екстремистите

Државниот секретар на САД Џон Кери ги повика одговорните во Ирак заеднички да им се спротивстават на џихадистите. Неговиот германски колега Штајнмајер апелираше до соседите на Ирак да се спречи ширење на конфликтот, пишува „Дојче веле“.

Американскиот министер за надворешни работи Џон Кери го повика Ирак на одлучност во борбата против екстремистите. Во телефонски разговор со неговиот ирачки колега Хошијар Зебари тој побара да се направат напори за обединување на земјата. Поддршката на САД би можела да уследи кога водачите на различните групи во Ирак би ги надминале меѓусебните разлики. Тој дополнил дека поддршката од Вашингтон би можела да биде успешна, доколку одговорните во земјата се заложат за „национално единство“ и заеднички им се спротистават на џихадистите. Кери исто така се заложи брзо да се спроведат резултатите од неодамнешните ирачки парламентарни избори и да се формира нова влада.

Претходно претседателот на Иран, Хасан Рохани во телевизиско обраќање појасни дека соработка со САД би била можна во Ирак во борбата против сунитската терористичка организација ИДИЛ. Од владини кругови во Вашингтон се вели дека досега немало никакви разговори со Иран. Владата во Техеран понуди да испорача воени материјани, но исклучува ангажирање на копнени трупи.