Кери и Лавров договориле прекин на огнот во Сирија

Американскиот државен секретар Џон Кери изјави денеска дека со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров постигнал прелиминарен договор за условите за прекин на огнот во Сирија.

– Постигнавме прелиминарен договор за условите за прекин на непријателствата, кој може да стапи на сила во следните неколку дена, изјави Кери на прес конференција во Аман.

Кери додаде дека со Лавров разговарал денеска и се надеваат дека претседателите на САД и на Русија во следните неколку дена ќе имаат телефонски разговор за да се потврди прелиминарниот договор.

Американскиот државен секретар вели дека двете страни се уште договараат детали од договорот.

Руското МНР соопшти дека Лавров и Кери разговарале за условите за прекин на огнот што би исклучувало операции против организациите кои СБ на ОН ги смета за терористички организации.