Кери: Русија да ја прекине поддршката за украинските сепаратисти

Американскиот државен секретар Џон Кери денеска изјави дека Русија самата се изолира со своите активности во Украина и може да ја поврати довербата на меѓународната заедница само доколку ја прекине својата поддршка за проруските сепаратисти, јавува МИА повикувајќи се на британските медиуми.

Кери за ова зборуваше на годишната средба на министрите за надворешни работи на земјите од ОБСЕ, што се оддржува во швајцарскиот град Базел.

Според Кери, Москва не ги испочитува своите обврски од Минската спогодба од септември за прекин на огнот во источна Украина.

-САД и земјите кои ги поддржуваат суверенитетот и правата на Украина, не бараат конфронтација. Ние не сакаме Русија да ја видиме изолирана од своите сопствени дејствија. Ние сме убедени дека таа може да ја врати довербата и своите односи само доколку помогне во смирувањето на распламтените страсти, ако преземе чекори за спроведување на протоколот од Минск, додаде тој.

Кери, исто така, ја повика Москва да ги повлече руските војници и оружјето од источна Украина и да го искористи своето влијание врз сепаратистите за ослободување на сите заложници.

Пред очекуваната попладневна средба Кери-Лавров, шефот на американската дипломатија денеска во Базел имаше одделни средби со украинскиот колега Павло Климкин и со грузискиот шеф на дипломатијата Тамар Беручашвили.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.