Кери: САД ќе треба да преговараат со Башар ел Асад за прекин на конфликтот во Сирија

САД ќе треба да преговараат со сирискиот претседател Башар ел Асад за прекин на конфликтот во Сирија, кој веќе навлезе во петтата година, изјави американскиот државен секретар Џон Кери.

– Вашинтон во моментов ги разгледува можности за притисок врз Асад што ќе го натераат да се согласи да преговара, изјави Кери во интервју за Си-Би-Ес Њуз.

САД на почетокот на кризата во Сирија се залагаа за смена на Асад од власта преку преговори, но со појавата на џихадистичката група Исламска држава и со зајакнувањето на нејзината позиција на Блискиот Исток, Западот ги омекна ставовите кон сирискиот претседател.

Во интервјуто за Си-Би-Ес, емитувано денеска, Кери не ја повтори досегашната позиција на САД дека Асад „го загубил легитимитетот и дека треба да си земине од власта“.

– На крајот ние ќе треба да преговараме со него, изјави Кери, додавајќи дека САД веќе биле подготвени за дијалог со Асад во рамки на процесот од првата мировна конференција за Сирија одржана во Женева во 2012 година.

Според Кери, САД и „други држави“ ги разгледуваат можностите за обнова на дипломатскиот процес за прекин на конфликтот во Сирија.

Конфликтот во Сирија почна во март 2011 година, кога масовните улични протести против властите во Дамаск прераснаа во граѓанска војна. За четири години во конфликтот во Сирија загинаа 215.000 лица, а речиси половина од жителите на земјата беа принудени да ги напуштат своите домови.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.