Кери со ултиматум до Лавров

Државниот секретар на САД, Џон Кери ќе разговара за ситуацијата во Украина со министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, кога Русија ќе биде подготвена за дијалог, пренесе „Ројтерс“.

Во разговор со Лавров, Кери изјави дека дијалог меѓу САД и Русија ќе биде можен само ако Руската Федерација ги запре обидите да го анектира Крим.

Според зборовите на Кери, понатамошните чекори на Русија во правецот на „присоединување“ на Крим нема да остават многу простор за дипломатија. Државниот секретар, исто така, ја повика Москва за „максимална воздржаност“.

Според соопштението за разговорот меѓу Кери и Лавров, објавено на интернет-страницата на МНР на Русија, шефовите на дипломатијата на двете земји се договориле „за продолжување на интензивните контакти и регулирање на украинската криза“. Министерството за надворешни работи на Русија не наведува други детали од овој разговор.