недела, 26 март 2017  |  Вести денес: 26

Керим: ЕУ не смее да остави Македонија сама да се справува со бегалците

kerim

Последни вести

Кандидатот за генерален секретар на Обединетите Нации и екс македонски дипломатски претставник во Германија, Срѓан Керим во интервју за јавниот  сервис „РББ Радио“ вели дека Македонија не смее да биде оставена сама да се справува со бегалската криза.

– Од состанокот очекувам да биде договорено пропорционално распределување на бегалците според големината на државите од ЕУ. Апсурдно и неприфатливо е, да се очекува Македонија, која има само 0,5 проценти од вкупното европско население, низ која поминаа 380.000 бегалци, што е 37 отсто од вкупниот прилив на бегалци кон Европа,  да биде оставена сама да се справува со овој проблем, изјави  Керим кој во интервјуто за „РББ“ бара Брисел итно да дејствува и да преземе конкретни мерки, пренесува МИА.

Во интервјуто Керим вели дека Македонија од самитот во Брисел очекува конкретна финансиска и логистичка помош затоа што бегалците кои што во моментов се сместени на границата меѓу Македонија и Грција претежно се жени и деца кои што живеат во никакви услови што претставува срам за Европската унија.

На прашањето за помошта која што Австрија како членка на ЕУ веќе и ја пружа на Македонија Керим вели дека помошта од Виена треба да се гледа како спасувачка хуманитарна акција која што е само еден елемент кој не може да помогне за решение на целиот проблем. Затоа според него потребно е сеопфатно решение на европско ниво, изработка на заеднички европски концепт со активно вклучување на меѓународните организации вклучувајќи ги и Обединетите нации.

​Тој во интерјуто ја отфрла поврзаноста меѓу третманот на стотиците бегалци што ја минаа границата илегално и пораката што на бегалците им ја упати претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, кој јавно побара тие да не доаѓаат кон Европа до која што нема да успеат да дојдат.

Според  Керим во моментов во унијата владее вакум, ЕУ нема концепт и затоа се присутни голем број на меѓусебни јавни обвинувања. Единствен начин да се надмине оваа ситуација според Керим е разногласието да биде победено од  принципите на солидарност, хуманост и заедничко дејствување.

Во одговор на прашањето дали Македонија ја презема валканата работа во име на ЕУ, Керим вели дека до одреден степен тоа е точна, но трагична забелешка. Според него не е фер Македонија која што не е членка на ЕУ да биде обвинувана за нејзините постапки. Тоа што Македонија не е членка на ЕУ не значи дека земјата нема да соработува со ЕУ туку напротив.

– Македонија не е проблем, проблемот е недостаток на заеднички позиции во Брисел, вели Керим.

Тој категорично негира дека однесувањето на Македонија во рамки на бегалската криза е договорено со ЕУ затоа што унијата нема позиција, нема стратегија и не се знае кој зборува во нејзино име поради што нема никаков договор меѓу Скопје и Брисел.

– Европа мора да има одговор на прашањето како да се заштити и да се знае каква е безбедносната политика на ЕУ по ова прашање, вели Керим според кого  најважно е да се заштитат границите на ЕУ, бидејќи границата на Грција со Турција воедно е и заштита на надворешната граница на ЕУ.

Поранешниот амбасадор во Германија и кандидат за прв човек на светската организација Срѓан Керим во интервјуто вели дека и за Македонија и за ЕУ најдобар начин за излегување на кризата е почитување на  Европската  конвенција за човекови права и Конвенцијата на ОН за бегалците, донесени пред повеќе од шеесет години.

Најчитани вести