Керим за „Тајм“: Животот на милиони луѓе директно зависи од успешноста на Обединетите нации

За да биде Советот за безбедност поефикасен во неговата работа не е проблем само проширувањето, туку и начинот на користење на правото на вето, што значи дека е потребна опширна анализа за детално да се испита ова прашање, вели д-р Керим во интервју за магазинот „Тајм“.

Потребни се суштински промени во редовите на Организацијата, односно промена во свесноста и начинот на размислување на кадарот, вклучувајќи ги генералниот секретар и највисоко рангираните службеници, со цел да се зголеми ефикасноста и ефективноста на менаџментот на Обединетите нации.

Ова го истакнува д-р Срѓан Керим, македонскиот кандидат за позицијата генерален секретар на ОН, во рамките на интервју што го објави магазинот „Тајм“ во своето интернет-издание.

Т: На кој начин генералниот секретар на Обединетите нации може да придонесе кон зголемувањето на ефикасноста на Организацијата?

– Времињата се менуваат. Светот се менува. Организација на обединетите нации сè повеќе е подложна на промени. Реформите во менаџментот се движат во насоката „да се биде или не“. Реформирањето на Обединетите нации треба да биде примарна цел за следниот генерален секретар. Моќта на Организацијата на обединетите нации да ги подобри животите на милиони луѓе, кои моментално живеат во конфликтни подрачја, во беда и безредие, директно зависат од Организацијата и од успешноста на реформите.

Со цел да се приспособи организацијата кон новата генерација предизвици, генералниот секретар мора да воведе модел на постојани промени, да внесе флексибилност во Организацијата со цел да се адаптира, проширува и реформира со текот на времето.

Потребни се суштински промени во редовите на Организацијата, односно промена во свесноста и начинот на размислување на кадарот, вклучувајќи ги генералниот секретар и највисоко рангираните службеници, со цел да се зголеми ефикасноста и ефективноста на менаџментот на Обединетите Нации.

Земјите членки на Обединетите нации треба да имаат јасна визија за организацијата бидејќи тие се задолжени за донесувањето одлуки. Тоа не е задача на Секретаријатот. Голема промена треба да се направи на ова поле за Секретаријатот да се стави во служба на земјите членки.

Т: Кој аспект од работата на Обединетите нации треба да претрпи најголеми измени?

– Процесот на имплементирање реформи е комплексен. Секој генерален секретар иницира и воведува реформи во различни сфери, кои не се подеднакво успешни. Сепак, тешко е сето тоа да се стави во функција.

Комплексноста на проблематиката бара:

Јасно дефинирана артикулирана стратегија од страна на генералниот секретар

Вклучување на сите земји членки во подигнувањето на свесноста за потребата од реформи

Инволвирање на Генералното собрание преку претседателот во градењето консензус меѓу земјите членки

Дефинирање јасни ставови за реформите во Секретаријатот

Ангажирање на целокупниот кадар од почетокот на имплементирање на реформите

Лекциите од минатото се јасни. Дванаесетте иницијативи што се предложени од генералниот секретар Бан Ки-мун и предложениот план се задолжително четиво за секој нареден генерален секретар. Со други зборови, со зацврстувањето на позицијата на Обединетите нации, ќе се зголеми ефективноста на мандатите, ќе се обезбеди поголем учинок во рамките на предвидените ограничувања преку иновација и промена во менаџментските иницијативи.

Т: Како прв приоритет на следниот генерален секретар на Обединетите нации ја издвоивте реформата во менаџментот. Како таа ќе помогне во исполнување на сегашните и идните предизвици на ОН?

– Точно е дека реформата во менаџментот се рангира меѓу најважните предизвици и задачи на Обединетите нации. Но важно е да се разбере дека таа не е вежба сама по себе. Всушност, таа е надградена со сериозни подобрувања во безбедносната структура на Обединетите нации, посебно во однос на одржувањето на мирот, градењето на мирот и човековата безбедност.

Преструктурирањето на агендата за одржлив развој до 2030 година, со план за справување со климатските промени и развојно финансирање, е многу важно. Тоа е предуслов за постигнување: ефикасно учество од страна на луѓето, едукација, здравје, човекови права и родова еднаквост. Користењето на главните алатки, како што се превентивна дипломатија, посредништво и партнерство исто така зависи од поефикасен, рационален и добро организиран менаџмент на активностите на Обединетите нации.

Т: Сте пишувале во врска со потребата за реформа во Советот за безбедност. Кои промени мислите дека треба да се спроведат за тој да биде поефективен?

– Единствен начин за постигнување договор на оваа чувствителна тема е преговарање. Затоа јас како претседател на 62. заседание на Генералното собрание на Обединетите нации ја иницирав резолуцијата 62/557 и придонесов за нејзино прифаќање, а ова овозможи преговори за реформа во Советот за безбедност.

Мојот став е дека кога се во прашање осетливи политички теми, кои имаат врска со внесување промени во повелбата на Обединетите нации, тогаш одлуките мора да се носат со консензус. Друга важна точка во врска со ова е дека сериозната политичка подготовка и консултации помеѓу земјите членки треба да се одвиваат пред самиот процес.

За да биде Советот за безбедност поефикасен во неговата работа не е проблем само проширувањето, туку и начинот на користење на правото на вето, што значи дека е потребна опширна анализа за детално да се испита ова прашање. Исто така, генералниот секретар на Обединетите нации мора да придонесе кон решавање на ова прашање.

Т: Ниедна институција не може да претставува сè за сите луѓе. Што сметате дека ОН треба да избегне да стори?

– Мојата најнова книга „Глобализација и дипломатија“ е со поднаслов „Во потрага по подобар свет“. Оваа визија ја делат стотици милиони луѓе на планетата, а тоа е единствениот начин да го промениме светот на подобро. Пред ОН да може ефективно да ја имплементира таа промена, мора претходно да се фокусираме на реформирање на самата институција. Само на овој начин можеме вистински да придонесеме кон долготраен мир, безбедност и просперитет на заедниците низ целиот свет.

Реформите во менаџментот на ОН се со цел организацијата, нејзиниот персонал и членови да бидат подобро подготвени во соочувањето со новите предизвици, тековите на геополитичките настани, намалување на безбедносните закани преку партнерство со тематски и регионални организации, онаму каде што е потребно.

Т: Како граѓанин на Р.Македонија, кои според Вас се најважните лекции што ОН би требало да ги научи во однос на пропустите во поранешна Југославија за време на деведесеттите?

– Мојата земја беше единствената од 6. републики во Југославија која не учествуваше во вооружените конфликти за време на распаѓањето на Југословенската Федерација. И покрај тоа, учеството на ОН заедно со мировните мисии (UNPREDEP и UNPROFOR) беше потребно на северната граница на Македонија. И двете беа многу успешни и служат како одличен пример за придонесот на ОН за мир и безбедност.

Од друга страна, мисиите на ОН на другите делови на Југославија не беа толку успешни. Всушност, покрај ОН, во кризата учествуваа и други организации како НАТО, ОБСЕ и ЕУ и тоа беше сложена процедура на координација и соработка помеѓу повеќе меѓународни организации.

Беше голема трагедија што голем број мажи, жени и деца ги загубија животите, но и илјадници домови, верски објекти и други историски споменици беа уништени. Сепак, постоечките граници беа задржани, што беше многу важно за целокупната безбедност, не само за Балканот, туку и за Европа.

Во свет опкружен со непредвидливи сајбер-воени активности, тероризам на секој чекор, миграција во пораст и масовно движење на бегалците, очигледна злоупотреба на човекови права, на жени и деца, потребна ни е организација што има капацитет да се справува со овие сериозни прашања. Сметам дека за ова нема подобра од ОН, и покрај своите недостатоци.