Керол без промашување и 17 поени за водство на „Реал“

„Реал“ е на чекор до пласман на фајналфор турнирот во Евролигата откако „кралевите“ вчера во Мадрид беа поуспешни од „Панатинаикос“ со 81:74, поведувајќи со 2:1 во оваа четвртфинална серија. Во второто вчерашно четвртфинале, во московското дерби „Химки“ ја оствари првата победа против „ЦСКА“ со 79:73 за намалување на водството на 2:1. Ова беше првата победа на „Химки“ сезонава против најголемиот ривал.

Мечот во Мадрид беше решен во самата завршница, откако Серхио Љуљ, кој се врати на теренот по осум месеци пауза поради повреда и постигна осум поени во последната четвртина. Две тројки за ред на две минути пред крајот го одведоа „Реал“ на 70:63, но гостите успеаја да изедначат. Победа на домаќините им ја донесе Џејси Керол со два поена, а потоа со погодена тројка и дополнително слободно фрлање. Тој беше најефикасен кај „Кралевите“ со 17 поени, но без промашен шут- по 3 од 3 за два и три поена и две погодени слободни фрлања. Лука Дончиќ имаше само седум поени, со едно атрактивно забивање, но и десет скока. Кај „Панатенаикос“ најдобри беа Џејмс Гист со 15 и Мајк Џејмс со 14 поени.

https://youtu.be/tbGYUMtkfcI

„Химки“ ја забележа првата победа во премиерниот настап во Евролига елиминациите, во првиот од двата домашни меча, со 79:73 против ЦСКА Москва за намалување на негативата на 2:1. И овој натпревар се решаваше во завршницата, но домаќините имаа повеќе среќа. Алексеј Швед ги предводеше победниците со 27 поени, како и Ентони Гил со 22, а Кори Хигинс постигна 26 за гостите.

Ако победи на следниот натпревар, ЦСКА ќе се пласира на 7-миот последователен Фајнал фор турнир во елитната лига.