Кевин Лав остана “верен” на Кливленд

Навивачите на Кливленд Kавалирс имаат причина за задоволство откако Кевин Лав ги отфрли понудите од останатите клубови и прифати да потпише нов договор со актуелниот вицешампион на НБА-лигата.

Лав уште пред неколку месеци најави дека ќе ги разгледува понудите од сите заостанати екипи, за на крајот сепак да реши дека Кливленд е вистинскиот клуб за него, пред се поради фантастичните 110 милиони долари за петгодишен договор понудени од страна на кавалирси.

“Слушнав многу шпекулации за мојата иднина, но на крајот сепак пресудна беше желбата да останам овде и да го довршиме она што го почнавме минатата сезона” , изјави Кевин Лав за американски медиуми.

Во центарот на вниманието се најде и Горан Драгиќ, откако словенечкиот репрезентативец потпиша петгодишен договор со Мајами хит за вкупно 90 милиони долари.

Драгиќ кон средината на ланската сезона од Феникс пристигна во Мајами, а на “жешките” им беше јасно дека ќе мора да му понудат фантастичен договор за да го убедат да остане на Флорида. Преговорите сепак вродија со плод и Драгиќ ќе биде еден од лидерите на Мајами во годините што следат, особено ако се реализираат најавите дека и Двејн Вејд би можел летово да го напушти таборот на “жешките”.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.