КФМ сам против себе за да го спаси Работнички

Екипата на КК Работнички самоволно го напуштила теренот и не се враќа на повик на првиот судија. Според член 60.11. од Пропозиции за натпреварување во сезоната 2014/15 година, донесен од страна на Кошаркарската федерација на Македонија, тимот треба да биде исклучен од тековното натпреварување и во следната сезона да се префрли во најнизок степен на натпреварување. Таква одлука донесе и комесарот за натпреварување при КФМ, Бобан Јосифовски, односно да го казни ригорозно Работнички со префрлање во трета лига. Одлуката ја донесе во согласност со актите донесени од страна на КФМ, објавува Република.

Но, очигледно тој што ги носи актите и правилата не ги почитува. Подготвени се да ги прекршат сите свои акти за Работнички да остане во прва лига. Откако комесарот донесе одлука, клубот го оствари своето право на жалба пред Арбитражната комисија. Комисијата, составена од пет члена, постапи спротивно од правилото пропишано во член 60.11. – ја поништи одлуката за префрлање во трета лига и го врати случајот на повторно постапување.

Со ова КФМ го стави комесарот во незгодна ситуација. Каква одлука да донесе тој, а притоа да не го испочитува правилникот?! Сосема е јасно дека тимот свесно реши да не излезе на терен и да го продолжи мечот.

– Не можам да не го префрлам клубот во трета лига. Ќе дадам сѐ од себе за Работнички да не биде исфрлен во трета лига. Тоа е мојот став и секако ќе го пренесам на новиот состанок на Здружението на прволигашите со цел да се донесе конечна одлука во врска со прекинатиот натпревар. Цел мој авторитет ќе го искористам сите клубови писмено со потпис и печат да дадат поддршка на овој мој предлог. Морам да потенцирам дека според актите на КФМ и според тоа што го видов во салата во која бев присутен, а не беше ниту еден член од Арбитражната комисија, Работнички треба да се пресели во трета лига – вели комесарот, со што само се потврдува дека КФМ е подготвена да ги прекрши своите акти само за да не го пресели тимот во најнизок ранг на натпреварување.

Факт е дека клубот има високо реноме и е име во кошарката во нашата земја, но и во поранешна Југославија. Секако дека е штета да се пресели во трета лига и со тоа да се уништи нешто што е градено речиси 70 години. Но, зошто овој клуб би бил ставен надвор од пропишаните правила?!

И во фудбалскиот свет Јувентус е големо име, како што Работнички е име во Македонија, но таму правилата си беа правила. Кога пред неколку години се докажа дека клубот местел фудбалски натпревари, беше префрлен во италијанската Серија Б. Правилата важеа за сите, па дури и за Јувентус. Па, квалитетот си го направи своето, односно фудбалерите го вратија тимот онаму, каде што, според квалитет, припаѓа – Серија А. Но, правилата беа испочитувани.