Кибернетички напад врз британскиот парламент

Поради кибернетички напад на компјутерскиот систем на британскиот парламент, неговите пратеници не успеваат да добијат пристап до своите електронски пораки кога не се во Вестинстер, известија во саботата медиумите и политичарите.

Весникот Telegraph пишува дека пратениците се предупредени дека нивната електронска пошта е хакиран во петокот, и оти во саботата нема да можат да пристапат до своите пораки.

Членот на Либерално-демократската партија и пратеникот во Домот на лордовите (горниот дом на британскиот парламент), Крис Ренард, напиша на Twitter „Кибернетички напад на Вестминстер, електронската пошта на парламентарните претставници не функционира однадвор, итните пораки праќајте ги по СМС“.

Портпаролката на Претставничкиот дом за BBC потврди дека „парламентот открил неавторизиран обид за пристап до електронските пораки на парламентарните претставници“.

„Ја продолжуваме истрагата и преземаме натамошни мерки за да го осигуриме работењето на компјутерската мрежа која е поврзана со Државниот центар за кибернетичка безбедност“, изјавила портпаролката.

Во мај поради кибернетички напад врз интернет системот на британската национална здравствена служба дојде до хаос поради кој болниците беа принудени да ги пренасочат сите итни случаи, да откажат бројни закажани прегледи и пациентите ги повикуваа во болниците да доаѓаат само доколку станува збор за итни ситуации.

Лекарите и болничкиот персонал користеа пенкала, хартија и мобилни телефони за да ги забележат податоците за пациентите, пишуваа тогаш британските медиуми.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.