Кичево доби нова пречистителна станица за отпадни води

Општина Кичево доби нова пречистителна станица за третман на отпадни води, со што трајно се решава проблемот со отпадните води. Пречистителната станица која е сместена во близина на Кичево е со инсталиран капацитет за 48.000 жители. Реализацијата на проектот вреден 8,3 милиони евра е финансиран од Европската Унија преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА), вклучува и изградба на колектор и пристапен пат.

Секогаш е добро кога нешто се прави соодветно на ЕУ стандардите, а ЕУ не носи само желба за Македонија да биде дел од тоа семејство, туку со себе носи и стандарди за квалитетот на животот граѓаните, на индустријата и на секојдневието. Со оваа донација од ЕУ ние имаме уште поголема обврска да достигнеме повисоки стандарди, критериуми и квалитет на живот на нашите граѓани. Проектот значи голем исчекор во заштита на животната средина во регионот и со примена на ова иновативно решение стандардите на европскиот живот се пренесени тука – изјави Анѓушев и напомена дека Македонија за да биде комплетно покриена со пречистителни станици, треба да бидат направени вкупно 87.

На отворањето обраќање имаше евроамбасадорот, Самуел Жбогар кој истакна дека овој проект ќе овозможи заштита на животната средина согласно стандардите на ЕУ.

Паралелно со инвестициите во инфраструктурата, ЕУ исто така работи заедно со државата на реформи во секторот води, со цел да се обезбедат одржливи услуги за водоснабдување на сите граѓани – истакна Жбогар.

Пречистителната станица во Кичево ќе биде од огромно значење за жителите од овој крај како и за подобрувањето на квалитетот на животот.

Работиме посветено на решавање на отворените прашања во општината, се цел да ги подобриме состојбите и да го поттикнеме локалниот економски развој. Во овој процес заштитата на животната средина е од големо значање, па оттука поддршката од централната власт и особено од ЕУ е од огромно значење, на што сме многу благодарни – истакна Фатмир Дехари, градоначалник на Општина Кичево.

Пречистителната станица во Кичево е изградена за помалку од две години и е втора што е пуштена во употреба во рамки на проектот. Првата пречистителна станица беше пуштена во употреба кон крајот на минатата година, а лоцирана е восело. Сачево, Струмица. Се очекува наскоро да биде пуштена во употреба и третата пречистителна станица која се наоѓа во Радовиш. Вкупната вредност на овие објекти изнесува 21 милион евра.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.